Дома | Информатор | Настани | Форум | Линкови









10 тетратки за демократија

Информатор

Настани

10 тетратки за демократија

Вклучени лица

НВО Партнери

Календар

Форум

Архива на текстови

Временска линија

Цитати

Мапа на региони

Линкови
 
info@demokratija.org.mk































































































































































Дизајн и концепт: 
Кома лаб.

СТРАТЕГИЈА ЗА КАМПАЊАТА:
“ДЕМОКРАТИЈА?
Никако без мене!”

(проект: Школа за демократија)
[Стретегијата за медиумската кампања ја подготви Кома лаб.]

Контекст

“...Политичкото и моралното значење на мислењето се манифестира во оние ретки моменти од историјата кога 'Сè се распаѓа; средиштето не може да се одржи; / Голата анархија е пуштена од ланец / Најдобрите немаат уверувања / Додека најлошите се полни со страсна жестина’.”
“Манифестацијата на ветрот на мислите не е знаењето; тоа е способноста да го разлачиме исправното од погрешното, убавото од грдото. И тоа е она што може да ја спречи катастрофата, барем за мене, во ретките моменти кога се достигнува критичната точка.”


(од книгата на Хана Арент,
Thinking and Moral Considerations; A Lecture)


Не само заради транзиционите проблеми кои траат веќе десетина години, и не само заради економската криза која ја придружува делумно хаотичната транзиција, и не само заради вооружениот конфликт што ни се случи во 2001 година - прашањето на демократијата во Македонија има исклучителна важност. Многу нешта почнуваат од тоа прашање (меѓу другото, и тие што ги истакнавме погоре), и многу нешта се слеваат во тоа прашање. Проценуваме дека во моментов тоа е едно од најважните општествени прашања, и затоа решивме со медиумската кампања да му пријдеме “одоздола”, пофундаментално и едукативно, низ концептот ‘Школа за демократија’.

Една од најнегативните последици на кризата во Македонија е замрачувањето на јавното, во двата смисла на зборот: јавното и како јавност сосема деградирана во етнички поларизации и поедноставен “говор на омразата”; и јавното како чувство за заедничко добро, за заедница, за солидарност, за изострено чувство за Другиот.

Особено за време на воената криза се чинеше дека кулминира сосема погрешно сфатениот концепт на транзиција (кон капитализам), кој општествово десет години го меле под девизата “Човек човеку - волк”. Пред застрашувачки изгрицканата фасада на “Државата” исчезнаа повеќето принципи на заедницата.

Освен тоа, сметаме дека нашиот целокупен контекст снажно е обележан со “мамките (илузиите, заблудите) на мислењето” за кои пишуваше Френсис Бејкон (1561-1626); според него, човечките главни заблуди се:
idola specus (идоли на пештерите); idola tribus (идоли на племето-родот); idola fori (идоли на пазарот или плоштадот); idola theatri (идоли на театарот).

Но, за посочените “мамки на мислењето” не мислиме дека се некаква посебна македонска специфичност; впрочем, во времето на галопирачката глобализација нашиот контекст не може да биде изолиран. Затоа и го спомнуваме стариот Бејкон, не само како врска меѓу минатото и сегашноста туку и како релација која ги поврзува овдешните “заблуди и илузии” со глобалните.

Идејни принципи

Целава стратегија всушност зборува за нашите идејни принципи кои ќе се обидеме да ги изразиме низ медиумската кампања “Демократија? Никако без мене!”

Главната цел е поголемо вклучување на луѓето во животот на заедницата. Тргнуваме од потребата да се обноват начелата што ја обединуваат заедницата. Но, едновремено инсистираме на создавањето на нови интегративни начела. Токму демократијата ја сфаќаме како еден од клучните обединувачки општествени принципи.

Се разбира, демократскиот пресврт нема да падне од небо ниту ќе се случи преку ноќ. Потребно е луѓето да ги едуцираме за демократија. (Оттаму веројатно произлегува и можеби премногу “едукативниот” и можеби премногу интелектуалниот тон на оваа стратегија; но, за да убедите некого да ви верува, или да поверува во некакви високи општествени принципи, морате да покажете упатеност во работите, зарем не? Веројатно неавтеничноста на затечените промотори на демократија олицетворени во новата транзициона елита е една од причините зошто концептот за демократија во пошироките општествени кругови наидува на релативна недоверба и на млак прием.)

Значи, еден од најважните исчекори кон потолерантно и подемократско општество е менталниот, психолошкиот: потребно е да го прошириме своето “ние” чувство кон луѓето коишто првенствено ги сметаме за “тие”.

Вон инструменталната или сентименталната идеја за заедница, како што велат теоретичарите, она што темелно како држава може да нè приближи кон пошироките интегративни начела е тнр. конститутивна концепција за заедницата. Инструменталната заедница, на пример, се согледува себеси како општествен сојуз во кој поединците општествените ангажмани ги сметаат за неопходен товар и во кои учествуваат само за да ги следат своите приватни цели. Конститутивната заедница, пак, поединецот нераскинливо го лоцира во заедницата, или како што вели Ричард Бернстин, “неговата индивидуалност не е нешто што логички или временски доаѓа пред животот во заедницата, туку самата негова индивидуалност делумно се состои од типот на заедницата во која тој учествува, а неговиот идентитет во одредена мера е одреден од заедницата чиишто е дел”.

Прашањето на опстанокот на нашата заедница, значи, ја нема само таа утилитарна димензија, не е само обид да не се потклекне пред авторитарноста, глупоста и бруталноста, туку и повеќе од тоа: способноста да ја одржиме заедницата - па и радикално демократски менувајќи ги нејзините интегративни принципи - нè дефинира како одговорни и мислечки поединци. Демократијата, меѓу другото, ја сфаќаме и како етика на себеограничувањето.

Како што вели Дјуи (големиот американски филозоф кој сметаше дека најсуштинското прашање за сите нас е прашањето на моралниот карактер на животот во заедницата): “Демократијата е идеја за самиот живот на заедницата”. “...Бидејќи секој начин на живот кој потфрла во својата демократија ги ограничува контактите, размената, комуникациите и интеракциите со помош на кои се стабилизира, проширува и збогатува искуството. Секојдневна е задачата на ова ослободување и збогатување. Со оглед на тоа, задача на демократијата е постојано да создава послободно и похумано искуство коешто го делат сите и кон кое сите придонесуваат.”

Цели

Човечката способност за правда ја прави демократијата можна, додека човечката склоност кон неправда ја прави неопходна.

Раинхард Неибур, теолог

Главна цел на кампањата е демократијата да се разбере како интегративен општествен принцип, нешто што - со помош на правото, правдата и процедурите - ја конституира заедницата.

Втората важна намера е да се обрне внимание на аспектот на јавното и на односот колективно/индивидуално, кој е во сржта на идејата на демократијата.

Демократијата и` припаѓа на сферата на колективното одлучување. Таа го олицетворува идеалот дека одлуките што влијаат на заедницата како целина, треба да ги донесуваат сите членови на заедницата, како и тоа дека сите треба да имаат еднакви права да учествуваат во донесувањето на одлуките. Со други зборови, демократијата подразбира две поврзани начела: (1) јавна контрола над колективните донесувања одлуки и (2) еднаквост на правото во применувањето на таа контрола. Кон тие точки ќе се обидеме да ја насочиме нашата кампања, се разбира на начин соодветен за кампања и со јазик разбирлив за поширок круг луѓе.

Освен тоа, низ кампањата “Демократија? Никако без мене!” сакаме во Македонија да ги развиваме и унапредуваме главните достигнувања на модерниот Запад кои не само што сè уште носат снажна општествена порака туку имаат и обединувачки и конститутивен потенцијал. Според Марвин Пери, главните достигнувања на модерниот Запад се:

  Традицијата на разумот, која го овозможува научното сфаќање на космосот, користењето на природата за благосостојба на луѓето и идентификација и реформа на ирационалните и противзаконски институции и убедувања;
  Традицијата на политички слободи, што е темел на демократските институции;
  Традицијата на субјективни слободи, што ја потврдува способноста на поединецот за етичка автономност;
  Традицијата на хуманизмот, која на поединците гледа како на креативни поданици кои имаат право и можност да го остварат својот полн човечки потенцијал;
  Традицијата на еднаквоста, која изискува пред законот сите да бидат еднакви;
  Традицијата на човечкото достоинство, која го потврдува ненарушивиот интегритет и вредностите на човечката личност и е погонска сила зад која сега стои глобалната борба за човекови права;
  Традицијата на општествена правда, која инсистира на тоа заедницата да има морална обврска да им помогне на сиромашните и унесреќените.

Сметаме дека низ концептот ‘Демократија? Никако без мене!’ најефикасно ќе ги развиваме начелата за кои се залагаме: владеењето на разумот, на политичките слободи, на субјективните слободи, на хуманизмот, еднаквоста, човечкото достоинство и општествената правда.

Со медиумската кампања сакаме да потсетиме дека темелите на денешните западни демократии ги поставија филозофите на општествениот договор кои направија радикален пресврт во дотогашното сфаќање на односот меѓу заедницата и поединецот: целината (заедницата) веќе не му претходи на делот (поединците), туку делот & претходи на целината: државата овде не се поставува како нешто саморазбирливо, непроблематично, дадено од природата и боговите, туку како нешто што настанува благодарение на самосвесното прифаќање на поединецот дел од своите природни (предопштествени) права да ги пренесе кон заедничката инстанца која, за возврат, ќе ги гарантира неговите индивидуални права. Од перспектива на теоријата на општествениот договор, заедницата веќе не е услов за правото, туку обратно, правото е услов за заедницата и дотолку поединците веќе не постојат поради заедницата туку обратно, заедницата постои поради поединците.

Целна група

Целната група е општа, во неа спаѓа целото население во Република Македонија. Но, одредени делови од медиумската кампања ќе се обидат да се фокусираат и потесно; на пример, планирани е едиција на сликовници (не исклучиво за деца) кои ги поттикнуваат толеранцијата и плуралистичките вредности; дел од кампањата ќе се одвива и на јазиците на малцинствата во државата. Значајни делови од кампањата ќе бидат насочени кон помладата и релативно пообразованата популација која всушност и ќе треба да се избори за посуштинската демократизација на општеството.

Порака

Се разбира дека комплексноста на поимот демократија не може да се изолира во неколку издвоени пораки. Но, се разбира и дека ние избравме одредени аспекти на демократијата кои нам ни изгледаат важни за нашиот општествен контекст.

Во таа смисла, главната порака во кампањата е едноставна: Демократија? Никако без мене! Сакаме да кажеме дека со вклучување на луѓето тие почнуваат самите да го креираат општеството според сопствените желби и стремежи.

Седумте најважни зборови што сакаме да ги истакнеме во медиумската кампања за демократија се: слобода, интегративност, плурализам, одговорност, јавност, рамноправност и правда.

Тонот на кампањата (како и тонот на оваа стратегија) е едукативен. Ќе се обидеме кампањата да биде кохерентна, компактна и во стилот на логото што го предлагаме: едноставно, широко применливо, едукативно и регулативно (логото наликува на сообраќаен знак). Токму на тие аспекти на демократијата сакаме да обрнеме внимание: едноставна е и се однесува на сите луѓе (како што вели Џон Ролс: “Секој човек поседува неповредливост која е заснована во правдата”); но, едновремено, демократијата треба да се учи, затоа што во голема мера таа е процедура; најпосле, таа е врвен регулаторен општествен принцип.

Уште од времето на Просветителството е познато дека политичкиот систем ги одразува желбите на луѓето, нивниот разум и напор да остварат благосостојба. Таквиот политички живот не е живот согледан од перспективата на остварување на некој модел туку од перспективата на слободата. Сметаме дека тие просветителски принципи денес во Македонија се мошне важни и во таа насока ги креираме главните пораки на кампањата.

Елементи на медиумска кампања

Лого и слоган на кампањата
Постер
Мал постер за настан
Лифлет
Web страница www.demokratija.org.mk
10 тетратки за демократија

Печатените аспекти на оваа кампања ќе бидат испечатени на сите јазици на етничките групи што живеат во Република Македонија.